СПЕКТАКЛ ВО СКОПЈЕ АЦА ЛУКАС
Со саботниот спектакуларен концерт во ВИП Арена „Борис Трајковски“ Аца Лукас го означи крајот на првиот дел од големата турнеја насловена „Најголемите журки на Балканот“ во чии рамки пееше пред повеќе од 60 000 негови фанови, во три града од поранешна Југославија.
Пред преполната Арена со тактовите на хитот „Волиш ли ме“ Лукас го означи стартот на завршниот, скопски концерт во организација на македонскиот огранок на Скајмјузик продукција, а во склоп на тричасовната журка ги отпеа речиси сите свои најголеми хитови.
Вистински делириум во салата, меѓу присутните околу 8000 негови фанови, се случи кога пред самиот крај на вечерта ја запеа „Јовано, Јованке“.
Во склоп на овој дел од турнејата Лукас пееше во Белград, Загреб и Скопје, а веќе наесен следува новата дестинација – Сараево, каде ќе гостува на 16 септември.
„Драго ми е што и овој пат се исполнија моите очекувања и што повторно имавме одлична свирка. Како и секогаш досега, се потрудив да подготвам широк репертоар и да опфатам теми од сите фази на мојата кариера. Реакциите на публиката беа одлични и искрено се надевам дека немаше незадоволни. До следната нашата дружба ве поздравувам и ви се заблагодарувам што секогаш ме правите среќен и што од кај вас си одам полн со нова, позитивна енергија“, вели Лукас.
















