80 000 посетители на првиот ден на Music Week на Ушќе

Првата вечер на белградскиот Music Week фестивал ги надмина сите очекувања! Осумдесет илјади луѓе поминаа низ фестивалската капија на Ушќе, во текот на првиот од трите фестивалски дена.

Белграѓани и гостите во Белград уживаа вчеравечер во спектакуларните концерти на Саша Ковачевиќ, Јелена Розга, Тони Цетински, Драгана Мирковиќ и Џенан Лончаревиќ.

Илјадници посетители стигнаа на Ушќе веќе во 19 часот кога и беа отворени фестивалските капии. Одличниот Саша Ковачевиќ го отвори Music Week, а по него на сцената излезе Јелена Розга. На шармантната ѕвезда вчеравечер ѝ беше роденден, па организаторите и публиката ѝ приготвија специјално изненадување – торта и честитки!

Еден од милениците на белградската публика, кој и самиот не крие дека секогаш со задоволство настапува во Белград, Тони Цетински, одржа фантастичен концерт. После него на сцената застана најголемата ѕвезда на народна музика Драгана Мирковиќ, чиј белградски настап публиката желно го исчекуваше веќе неколку години, со оглед на тоа дека последниот концерт во главниот град го имаше пред неколку години.

За одличната атмосфера до раните утрински часови се погрижи феноменалниот Џенан Лончаревиќ, со чии хитови беше завршена првата вечер на Music Week.

На истото место публиката вечерва ја очекува регионалната легенда Хари Мата Хари од 20 часот, а по него настапува една од најдобрите поп пејачки од овие простори Нина Бадриќ, во 21: 15 часот. Најголемата ѕвезда на Балканот Лепа Брена својот настап ќе го почне во 22: 30 часот, после неа на бината ќе застане Аца Лукас во 00: 45 часот, а втората фестивалска вечер ја затвора Дарко Лазиќ чиј настап почнува во 3 часот.

Во недела, на 25 август настапуваат Маја Беровиќ, Сенидах, Буба и Џала, Цоби, Сара Јо, Катарина Грујиќ и Анџелина.

Влезот на фестивалот е бесплатен со симнатата бесплатна мобилна апликација Keep App.